Ѕвезда, колку едноставно звучи тој збор, а колку труд треба да се вложи за да се достигне тој статус. Една ѕвезда во вистинска смисла на зборот, би требало да знае добро да зборува, да е елоквентна, одлично да изгледа, да внимава на својот опшествен и социјален статус, секогаш да биде присутна на главните социјални случувања итн... Напорна работа нели, арно знаат нашиве ќе се мачат за се ова, кога самите можат да си се прогласат за ѕвезди. И ај што се прогласиле за ѕвезди, ама како се прогласуваат за најголеми и најдобри, тука е болката. Зарем може Џеј- Џеј да биде поголем од Тоше Проески, зарем може Деана да биде поголема од Калиопи? Се изгуби сјајот на поранешната естрада, а за замена добивме инстант- ѕвезди кои изгледаат ко да закасниле само пет минути на својата матурска прослава. Ај што закасниле, ама некој дури се успале, па заборавиле како и треба да изгледаат. Недозволиво е една јавна личност (ѕвезда) да излезе во јавност на тренерка made in Шутка Пром, и да раскажува како на одмор во Охрид потрошиле илјадници евра. Yes дека Охрид е скап, ама нели за илјадници евра можеш и плац да купиш таму, па да отвориш едно кафанче, да живееш од летна сезона и да се тргнеш од естрадата, не за друго, лошо изгледаш на било кој медиум да се појавиш. Физичкиот изглед секако дека е најголемиот проблем заедно со стилот на облекување. Пелерините на поповите не се за на сцена мили мои македонски пеЈачки, тие се за во манастир, а за на сцена ви треба нешто глам, а не шлам. Justin стилот одамна не е во мода, но сепак, кај нас на сите им касни, па не мора да се купува нешто ново за во емисија. Зошто ново и невидено, кога може да се поминат барем најмалку три- четири емисии со исто џакетче, елече, кошулка и панталона. Како може за една цела сезона на концерти истата ѕвезда на секој настап да биде исто облечена, тоа е недозволиво насекаде во светот, но кај нас поминува. Нели е криза па немаат што да облечат... Криза е за алишта, а не и за лудување по охридската ривиера... Туку таков ни е менталитетот, во најлуксузниот ресторант мора не видат, па макар и во јутена вреќа и опинци од прадедовците. Кога веќе сме кај опинците, арно рекле старите: Човек може да излезе од селото, но селото од човека, малку потешко велам јас. Замислете ја сега Бијонси кај Опра во емисија да си шлјапа на тексашки акцент, оти нели кај нас може и тоа да се деси па да велјам дека че одам на одмор во Орид, чунки уште лозјето го копам, ако сум јавна личност. Пред неколку денови се насмеав слатко од Тони Михајловски, алал нека му е на човекот, цар во секоја смисла, а не вежба. Во една дебата изјави дека кај нас има толку награди за најдобри, што тој посакал да организира награди за најлоши, од стилот на „Малина“ наградата. Епа драг Тони од мене имаш целосна подршка, а и неколку предлози за категории: Најлошо облечена јавна личност, Најселски став и глас, Miss L на годината (спротивно од пејачка на годината) итн... А наградата за Нај(не)стилизирана личност на годината, треба нашиве да ја сметаат како Оскар, зашто во таа група ќе има најмногу конкуренција. Па драги мои глупави и самопрогласени ѕвезди, внимавајте малку на себе оти публиката ве следи, а примерот што го давате води само кон деструкција на самата личност. Не можете да бидете јавни личности без стил и со fake Louiss Vuitton (ако ви е тешко ова да го прочитате тоа е Луј Витон), не за друго се плашам дека половина од ѕвездиве немаат ни квалитетно образование стекнато, секако заради пожртвуваноста во кариерата, не е лесно да си глуп, тешко е да признаеш ... Се надевам уживавте во воведот од мојата идна книга ... „За глупави и самопрогласени ѕвезди“ ...